Рускиот претседател Владимир Путин и наложи на владата да даде предлози за изградба на железница што ќе води до брегот на Баренцовото Море, на северозападот на земјата, додека Москва се обидува да го развие Арктикот.
Путин го постави арктичкиот регион, на северот на Русија, на врвот на своите стратешки задачи и нареди големи инвестиции во воена инфраструктура и ископување руда.
„Рускиот претседател побара од премиерот Михаил Мишустин да даде предлози за изградба на железничка врска до Баренцовото Море. Рокот за поднесување на предлозите е 10 мај“, соопшти Кремљ.
Железницата би завршила во базата Индиго, во арктичкиот регион Ненец, каде Русија во блиска иднина планира да изгради пристаниште што ќе биде отворено во текот на целата година.
Во 2018 година, Финска и Норвешка објавија дека заеднички планираат да изградат арктичка железничка пруга која би водела од северна Финска до бреговите на Баренцовото Море.
Развојот на Северниот морски пат е тесно поврзан со пробивот на Русија на Арктикот и затоа Москва инвестираше големи суми во флота од мразокршачи и танкери.
(Извор: Хина / Фото: ЕПА)