Рускиот претседател Владимир Путин пристигна денеска во Будимпешта, каде што ќе разговара со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Кремљ претходно соопшти дека било пранирано разговорите да се „фокусираат на широк спектар на прашања кои се однесуваат на руско-унгарската соработка, пред се во трговската, економската, културната и хуманитарната област“, а двајцата лидери треба да разменат мислења за одредени итни глобални и регионални прашања.
Се очекува дека во текот на посетата ќе бидат потпишани и бројни билатерални спогодби, пренесува ТАСС.
Во агендата на рускиот претседател се и средби со водачите на блискоисточните христијански цркви и посета на Меѓународната џудо федерација во Будимпешта.
Унгарската опозиција смета дека, иако Унгарија има интерес за одржување на подеднакви врски со сите големи сили, таа е „подредена на Русија“.
Заменикот на лидерот на Социјалистите, Ласло Сакач вели дека се чини оти Путин доаѓа како „сопственик“, односно дека сака да ги види своите инвестиции во Унгарија, пренесува агенцијата МТИ.
Сакач потсети дека Путин редовно доаѓа во Унгарија, заради што владата во Будимпешта веќе добила критики од своите сојузници во Европската унија и во НАТО.