Грчката полиција разби криминална организација чии членови посредувале за добивање пилотска дозвола.
Уапсени се пет лица, кај кои, при претресот, биле пронајдени 39.000 евра.
Кандидатите главно биле студенти на школите за пилоти, кои или не можеле да ја добијат конкретната лиценца по неколку неуспешни обиди или не сакале да го научат теоретскиот материјал од предметите.
За начинот на кој функционирала организацијата, од грчката полиција соопштија дека пред теоретскиот испит, еден од уапсените вршел пробни тестови со кандидатите, друг им укажувал каква облека треба да носат, а трет пак на денот на испитот го упатувал кандидатот каде точно треба да седи. Други двајца преку аудиовизуелна опрема им ги диктирале точните одговори.
„Помошта“ за да станат пилоти ги чинело студентите по 7.800 евра.
„На овој начин, членовите на организацијата успеале да доделат лиценци за професионален пилот на најмалку пет лица“, соопштија од грчката полиција.
Дополнително, било утврдено дека во минатото биле доделени дозволи за пилот на авион на уште десет лица.







