Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) неодамна го доби новиот претседател, но неговиот избор беше проследен со превирања, карактеристични веќе подолг период за синдикалното движење во државата. Изборот на Дарко Димовски за претседател на ССМ на Вонредниот конгрес и бојкотот од страна на дел од гранковите синдикати кои му дадоа поддршка на вториот кандидат Пецо Грујовски создадоа слика дека синдикатите се разединети и оти се повеќе се осипува бројот на членови на синдикатите.
Дека се потребни реформи во синдикалното движење потврди и новиот претседател на ССМ, кој, во првата изјава по неговиот избор, најави дека за време на неговиот двегодишен мандат ќе направи промени што ќе бидат во насока на обединување на синдикатот.
„Синдикатот ќе направи реформи, пред се во самата институција и тоа е интерно прашање што ќе го решиме меѓу самите синдикати, а на ниво на Македонија единствената цел ни е да го вратиме членството кое го изгубивме во последните два мандата на Живко Митревски, вели новоизбраниот претседател на ССМ, Дарко Димовски.
ССМ порано имал околу 200 илјади членови, а сега нивниот број е намален на околу 64 илјади. Во меѓувреме, откако Димовски ја извршуваше функцијата в.д претседател на ССМ, во рамки на синдикатот се вратија гранковиот синдикат МЕСО и дел од синдикатот што членува во енергетиката т.е. ЕЛЕМ И РЕК Битола.
Од друга страна, процедурата за избор на претседател на ССМ откри дека и критериумите се несоодветни и не даваат можност во трката за претседател да се кандидираат повеќе кандидати. Според сегашните критериуми, оној кој сака да се кандидира за претседател на ССМ мора да има поддршка од најмалку една третина од синдикатите здружени во ССМ и во кои членуваат повеќе од една третина од членовите здружени во ССМ. Вака поставените критериуми направија на последниот Вонреден конгрес на ССМ овие услови да ги исполни само Дарко Димовски, додека кандидатурите на останатите двајца кандидати Пецо Грујовски и Ацо Антовски не беа прифатени поради необезбедната поддршка. Тоа беше и причината што на Конгресот во Охрид се излезе само со еден кандидат, по што истиот беше одложен за да им се даде можност и на останатите кандидати да влезат во трката за претседател.
Поради ова, новото раководство на ССМ најавува промена на критериумите за избор на претседател на ССМ.
„На редовиот конгрес, што ќе се одржи 2020 година критериумите ќе бидат полиберални и нема да бидат врзани со одредени бариери. Секој кој ќе излезе со програма и платформа и кој ќе биде минимум пет години член на синдикатот ќе има право да се кандидира за претседател на ССМ или за член во неговите органи и тела, најавува сегашниот претседател Димовски, кој им скратен мандат до 2020 година.
Наместо обединетост, ССМ прикажа разединетост и на самиот чин на гласање за иден лидер кога делегатите од гранковите синдикати кои го подржаа Грујовски ја напуштија седницата бидејќи беше одлучено да се гласа јавно, а не тајно.
Тие обвинија дека Димовски не е легитимно избран претседател на ССМ и оти неговиот избор е нестатутарен без да им се даде шанса на делегатите тајно да гласаат. Обвинија дека на Грујовски не му било дозволено да се обрати на Конгресот и да ја образложи својата програма за реформите во ССМ.
„Од овие причини Конгресот го напуштија Синдикатот на УПОЗ, АГРО Синдикатот, Синдикатот на финансиските дејности, Синдикатот на шумарството и дрвната индустрија и Синдикатот на вработените во сообраќајот и врските, изјави Трпе Деаноски, генерален секретар на УПОЗ на прес-конференција свикана неколку дена по изборот на Димовски за претседател.
Од Синдикатот на УПОЗ најавија дека ќе поднесат судски постапки за случувањата на Конгресот на ССМ.
Превирањата во најстариот синдикат во државата траат подолг период. Пред Димовски да почне да ја извршува функцијата в.д. на ССМ, тој заедно со Грујовски и со уште неколку синдикати водеа правна битка да го сменат тогашниот претседател Живко Митревски, чиј втор мандат го оспоруваа.
Несогласувањата во ССМ почнаа уште во 2005 година кога Синдикатот за образование, наука и култура на чело со Дојчин Цветановски се отцепи од ССМ поради судирот со тогашниот претседател на ССМ Ванчо Муратовски. Тогаш Цветановски тврдеше дека Муратовски е близок со власта на СДСМ и оти не се грижи на работничите права. Од друга страна, Конфедерацијата на слободни синдикати која е формирана по отцепувањето на СОНК од ССМ, е обвинета дека е блиска до ВМРО-ДПМНЕ.
Дали синдикатите и кандидатите за претседатели ќе се надминат себеси и конечно наместо да се препукуваат меѓу себе, заеднички да работат во интерес на работниците, ќе покаже времето.
Билјана Анастасова – Костиќ







