На денешната шеста седница на Собранието на Република Македонија на дневен ред е разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Оваа точка е 30-та по ред. Но, според најавите на претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува таа да биде меѓу првите.
Предлогот Зврлевски да биде разрешен од функцијата јавен обвинител е поднесен од владата поради, како што се наведува во дописот од Собранието, незаконско, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.
Зврлевски, стои во документот, со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и го нарушил угледот на функцијата.
Претходно, барањето за разрешување, владата го достави и до Советот на јавни обвинители којшто на седница го прифати предлогот.
На дневен ред на оваа седница се и Извештајот на Европската комисија за Република Македонија 2016 година, Предлогот за именување на директор на Агенцијата за администрација, Предлогот на одлука за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител и годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2016 година.
Пратениците треба да расправаат и за Предлогот на закон за изменување на Законот за работните односи во прво читање, поднесен од Нола Исмајлоска, Магдалена Манаскова и Весна Пемова, за Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2016 година, за Предлогот на финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2017 година и Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водни услуги за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2017 година.
На дневен ред се и годишни извештаи на повеќе институции и финансиски планови за работа во 2017.







