Обединетите нации вчера побараа итен хуманитарен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас. Повеќе од три четвртини од 193-членото Генерално собрание го поддржаа потегот, на кој Соединетите Американски Држави минатата недела ставија вето во Советот за безбедност.
Но, Вашингтон нема право на вето во Генералното собрание.
И овој пат тие гласаа против нацрт-резолуцијата, заедно со Израел и осум други земји.
Текстот доби 153 гласа „за“, 10 земји беа против, а 23 беа воздржани. Македонија гласаше „за“.
Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина.
„Постојат аспекти на резолуцијата што САД ја поддржуваат, мислам на решавање на страшната хуманитарна криза во Газа, заштита на цивилите и ослободување на заложниците.Секој прекин на огнот во овој момент би бил привремен во најдобар случај, а опасен во најлош случај – опасен за Израелците, кои би биле изложени на немилосрдни напади, но опасен и за Палестинците, кои заслужуваат прилика да изградат подобра иднина за себе, ослободени од Хамас“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД при ОН.
Пред гласањето во ОН, американскиот претседател Џо Бајден рече дека Израел ја губи меѓународната поддршка поради „неселективното бомбардирање“.
САД и Израел се противат на прекинот на огнот бидејќи веруваат дека тоа ќе му користи само на Хамас.
Вашингтон наместо тоа поддржува пауза во борбите за да се заштитат цивилите и да се овозможи ослободување на заложниците кои палестинските милитанти ги грабнаа на 7 октомври.
„Прекинот на огнот значи само една работа – обезбедување опстанок на Хамас, обезбедување опстанок на геноцидните терористи посветени на уништувањето на Израел и Евреите.
Со гласањето за оваа резолуција го поддржувате опстанокот на теророт и постојаното страдање на луѓето во Газа“, изјави пред гласањето израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан.
Во октомври, Генералното собрание повика на „непосредно, трајно и одржливо хуманитарно примирје кое води до прекин на непријателствата“ во резолуцијата усвоена со 121 глас „за“, 14 „против“ и 44 воздржани.
(Фото: Твитер)







