Соодветната постапка ќе биде покрената против сите кои не доаѓале на работа две, три или четири години, а земале плата. Се надевам и во текот на утрешниот ден ќе биде покрената соодветна кривична постапка за злоупотреба и нанесување на штета на буџетот на Република Македонија во висина од 824.000 евра. Ова денеска го изјави генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски.
Внатрешната ревизија, како што беше соопштено вчера, во рамки на Генерален секретаријат на Владата на Република Македонија утврдила дека од 80 до 166 лица кои биле вработени од страна на поранешниот Генерален секретаријат не доаѓале на работа, а примале исплата на финансиски средства, односно плата.
Рашковски информираше дека на седум лица вработени во Генералниот секретаријат им престанува работниот однос со решенија потпишани од претходниот генерален секретар Кирил Божиновски на 1.06.2017 година.
Причината, како што рече, поради која престанува работниот однос без никакво покренување на соодветна постапка е истата онаа за која зборував вчера, а тоа е недоаѓање три дена последователно на работа во последниот месец.
Оттука, посочи тој, се поставува прашањето како е направена селекцијата од тој збир на 80 лица, само седум лица во рамките на Генералниот секретаријат да добијат отказно решение од причина што сите имаат еднаков третман пред законот и сите не доаѓале на работа во последните две, три или четири години.
Според него, станува збор за одговорност која ќе ја бараат солидарно од страна на работодавачот односно од генералниот секретар и од страна на работниците кои иако знаеле дека треба да доаѓаат на работа и знаеле дека совесно треба да ги извршуваат своите работни задачи, а не доаѓале на работа.
„Располагаме со писмена евиденција и тоа како доказ ќе биде доставено до Јавното обвинителство во кое се гледа дека овие вработени во последните две, три или четири години зависно кој кога е примен на работа, еднаш во неделата во однапред подготвен распоред доаѓале да се потпишуваат дека се присутни тој ден.
„Во останатите четири дена немале никаква обврска и во истиот ден кога доаѓале на работа немале никаква друга обврска туку дека едноставно требале да дојдат и да се потпишат, рече Рашковски.
Според него, за да бидат работите уште пострашни, овие вработени користеле годишен одмор, платено отсуство, биле фиктивно оценувани за својата работа и добивале една иста сообразна оценка 3 од причина што според закон, со добивање средна оценка вие ниту одите горе, ниту одите долу во своето напредување, туку останувате на истата позиција на која сте биле пред оценувањето.
Нагласи дека станува збор за едно организирано делување кое во соработка и во координација меѓу претходниот генерален секретар, вработените кои земале плата и службите кои го организирале таквото делување.
„Затоа според Казнениот законик на Република Македонија ќе биде покрената соодветна постапка пред соодветните институции.
Дисциплинската постапка која е покрената од моја страна е во рамки на законски определените рокови, испочитувани се максимално Законот за јавни службеници и Законот за работни односи и слободно доколку некој смета дека е повредена некоја одредба од овој закон може да ја оспорува, рече Рашковски.
Појасни дека дисциплинската постапка е запрена, не значи дека нема да продолжи, туку, како што рече, е запрена се до завршување на локалните избори согласно член 8б од Законот за избори.
„По завршување на изборите дисциплинската постапка ќе продолжи, но тоа не значи дека треба да го чекаме завршетокот на локалните избори како би покренале соодветна постапка пред надлежните институции за утврдување на кривичната одговорност и за нанесување штета на буџетот од 824.000 евра, рече Рашковски.
Информира дека овој број лица кој низ годините наназад не доаѓале на работа, а биле примени во Генералниот секретаријат од 2015 година наваму се намалува и доаѓа до бројката од 60-тина луѓе од причина што во 2015 година тој број на лица кои не доаѓале на работа, а земале плата изнесува 600.
„Тие лица со текот на времето најверојатно како почна да се објавуваат политичките бомби и како се чувствуваше губењето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ се распоредувани по локалните самоуправи и по институции, јавни претпријатија кои се во надлежност на локалната самоуправа, додаде Рашковски.







