Епидемиолошката слика во државата релативно стабилна. Бројот на новозаразени од направени тестирања веќе неколку недели се движи околу 13 проценти во просек дневно. Паралелно се одвива и вакцинацијата.
Досега се ревакцинирани 44 проценти од полнолетните граѓани во државата, информираше вчера Министерството за здравство.
Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 3.845 дози вакцини, од кои 958 се аплицирани како прва доза, 2.813 се ревакцинирани, а 74 граѓани примиле трета доза вакцина, информира Министерството за здравство.
Заклучно со 5 октомври, вкупно се вакцинирани 792.174 граѓани, ревакцинирани се 740.822, а трета доза примиле 499 граѓани.
Од Министерството посочуваат дека 53 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години.
-Според бројот на аплицирани вакцини, 38 проценти од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина, соопштија од Министерството за здравство.







