Во Клубот на пратениците во Скопје се одржа средбата на лидерите на парламентарните партии со повеќе од еден пратеник иницирана од премиерот Зоран Заев.
Заев лидерската средба ја свика во ваков состав заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци.
На средбата се очекува да се надминат разликите меѓу владејачките партии и опозицијата околу подготовките на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи кон крајот на септември.
Ова е првпат лидерска средба да се одржува во ваков состав односно да бидат поканети и лидери на партиите што имаат повеќе од еден пратеник во Парламентот.
Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев на лидерската средба го придружува Радмила Шекеринска, од ВМРО-ДПМНЕ е двоецот Христијан Мицкоски и Тања Каракамишева, од ДУИ дојдоа Али Ахмети и Бујар Османи, Зијадин Села и Арбен Таравари се од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи и Имер Алиу од ДПА, Африм Гаши од едното и Билал Касами и Фадил Зендели од другото крило на Беса, Горан Милевски и Дуфе Кукоски од ЛДП, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, како и Тито Петковски и Горан Мисовски од НСДП.
На маса сите што не сакаат „да се видат“
Еден до друг или еден спроти друг, сеедно, на средбата се Мендух Тачи и Зијадин Села, на кои ова не им се случило уште од расцепувањето на Демократската партија на Албанците и формирањето на Движењето за реформи на ДПА, а сега Алијанса за Албанците.
На иста маса се и лидерите на двете Беси, Билал Касами и Африм Гаши, кои во последно време се гледаат само во судница во настојување да докажат чија е партијата.
„Рамо до рамо“ се и Христијан Мицкоски и Зијадин Села, во време кога Мицкоски од секаде бара амнестија за напаѓачите на Села.
Врв на се, се чини, е присуството на средбата на двајцата „социјалисти“ Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ. Димовски е обвинет за тероризам, а пак синот на Авировиќ е обвинет во предмет на СЈО и против него во тек е судски процес во Кривичниот суд во Скопје.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, еден час по почнувањето ја напушти лидерската средба. Тоа, рече, го сторил од револт дека на средбата не се поканети сите парламентарни партии. Од средбата замина и неговата придржничка Каракамишева.
„Ние бевме дел од таканаречената лидерска средба. Навистина не беше јасен концептот зошто сите парламентарни партии не се поканети и изразивме револт и ја напуштивме средбата. Му го кажаваме барањето на Заев пред понеделик да свика лидерска средба со партиската четворка за сите сегменти кои треба да се утврдат пред да се формира новиот состав на ДИК“, изјави Мицкоски на заминување.
„Им се извинуваме од наше име на сите оние парламентарни политички партии кои што не беа дел од овој состанок. Навистина не бевме во можност да делуваме, и во нивно име протестираме“, напиша тој, извесно време потоа на Фејсбук.
„Социјалистите“ Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ, не го следеа примерот на Мицкоски иако се на „иста страна“ со него. Тие беа до крај присутни на лидерската средба оти партијата, според нивното кажување, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, била за ЕУ и НАТО.
Премиерот Зоран Заев по средбата која траеше четири часа, потврди дека тема на неа бил само референдумот и ништо друго.
„Оваа лидерска средба ја свикавме за да одлучуваме заедно и да избереме стабилност, безбедност и иднина. На средбата разговараме за можното референдумско прашање во насока на „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција?“ и за тоа референдумот да биде консултативен. За ова разговараме сите кои останавме на средбата до крај“, рече Заев.
Се разговарало и за карактерот на референдумот, при што, како што кажа, потребно е тој да биде консултативен.
„Разговаравме и за насоката на која не упатува членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен, со цел граѓаните на РМ да бидат консултирани за вака важно прашање пред да се донесе одлуката, а согласно Договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени“, појасни премиерот.
Во секој случај, додаде тој, волјата на граѓаните изразена на референдум ќе биде конечна за сите политички чинители во Собранието на РМ.
Одлуката се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.
Во однос на датумот кога ќе се одржи референдумот, Заев повтори дека потребно е да биде распишан 60 до 90 дена пред одржувањето, но напомена дека планот е некаде кон средината на јануари да се заврши со сите постапки при успешен референдум, со што ќе се овозможи Парламентот во Грција да гласа за Договорот.
Тој, патем, информира дека утре во 12 часот ќе се одржи нова лидерска средба во помал состав, како што побарал лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на која Мицкоски ќе можел да се изјасни што навистина сака.
„Што е тоа што Мицкоски не сакаше да го каже пред сите политички лидери, а е спремен да го каже на лидерска средба во помал состав, не знам. Јас сум широк човек, ќе разговараме. Прашањето е премногу вредно за Македонија и вреди да се разговара и натаму. Затоа утре во 12 часот закажувам уште една лидерска средба во помал состав на која што Мицкоски ќе има уште една можност да се изјасни за тоа дали е за Македонија во НАТО и ЕУ и дали е за тоа граѓаните непречено да одлучуваат за иднината на Македонија“, истакна премиерот.
За барањето за амнестија рече дека нема право ниту тој, ниту Мицкоски, ниту кој било друг во државата да дава амнестија, имајќи ја предвид борбата за воспоставување на владеење на правото, а пак за тоа дали е се можни предвремени избори рече дека изборите се секогаш опција, но додаде дека тие во моментов не се поволност.







