Менаџерот на англискиот гигант Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, ќе се сретне со челниците на „црвените ѓаволи“ за да разговараат за можна казна за Кристијано Роналдо откако Португалецот даде контроверзно интервју на Пирс Морган, пренесуваат британските медиуми.
Португалскиот мајстор, наводно, се соочува со парична казна од дури милион фунти, откако без дозвола даде интервју во кое жестоко ги критикуваше клубот и менаџерот Тен Хаг.
Роналдо ја обвини управата на клубот дека го изневерува обидувајќи се да го избрка од „Олд Трафорд“, како и дека не го почитува холандскиот стручњак.
„Ме изневерија, клубот ме предаде. Изгледам како црна овца, но сите мора да ја знаат вистината. Сакаат да ме избркаат од клубот. Тен Хаг!? Тој не ме почитува, не го почитувам ниту јас него“, рече Роналдо, додавајќи дека го сака клубот и неговите навивачи.
Клубот досега одбиваше да го коментира интервјуто на Роналдо, но има шпекулации дека ќе преземат чекори за да се обидат да ги отстранат проблемите и да го заштитат брендот.
Многумина на реакцијата на Роналдо гледаат како на проштална порака до навивачите, со оглед дека португалската ѕвезда, наводно, очајнички сака да го напушти Олд Трафорд во јануари.
(Фото: Јан Кругер – Оберлин Ревју)







