Капитенот на Манчестер јунајтед, Вејн Руни, денес изјави дека на минатогодишниот пријателски натпревар против Евертон собрал еден милион и 200.000 фунти во добротворни цели.
Како што наведе, тоа претставува чист профит од натпреварот на Олд Трафорд после сите оперативни трошоци.
Тој додаде дека парите се насочени на неговата фондација која за цел има да собере пет милиони фунти кои ќе бидат донирани за детски добротворни цели.
„Сакам да им се заблагодарам на сите навивачи кои дојдоа на добротворниот натпревар и кои тој ден го направија посебен. Дадоа многу пари за децата кои се во незавидна ситуација и на кои овие пари ќе им ги променат животите“, рече Руни.
На Руни му недостасува уште еден гол да постави нов рекорд на Манчестер јунајтед според бројот на постигнати голови. Тој и легендарниот Боби Чарлтон постигнаа по 249 голови.
Руни во 2004 година дојде во Јунајтед од Евертон и од тогаш одигра 545 натпревари.







