Соединетите Американски Држави во последен момент избегнаа парализирање на федералната влада кога Сенатот, на три часа до „затворање“, изгласа итна мерка за продолжување на привременото финансирање, што претседателот Џо Бајден го поздрави и веднаш повика да изгласаат помош за Украина.
Итната мерка што американскиот Конгрес ја прифати предвидува продолжување на финансирањето на администрацијата за 45 дена.
Меѓутоа, таа мерка ја исклучува помошта што Белата куќа ја бара за Украина.
Уредбата за краткорочно финансирање, со која се спречува блокирањето на владините служби, во саботата во последен момент ја предложи водачот на републиканците, Кевин Мекарти, и таа е прифатена прво во Претставничкиот дом, а потоа и во Сенатот, само три часа до „исклучувањето“.
Со таканареченото „затворање“ на работата на администрацијата, службениците би се нашле во состојба на техничка невработеност, а би се прекинала и исплатата за храна на одредени категории на население.
За уредбата во Претставничкиот дом гласаа 335 претставници, против беа 91, а во Сенатот 88 сенатори беа „за“ и 9 „против“.
„Вечерва, двопартиското мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот гласаа да се одржи отворена управа, и така се избегна непотребна криза која би нанела непотребно страдање на милиони вредни Американци“, рече претседателот Џо Бајден, и изрази задоволство што е избегната блокада.
Веднаш потоа, Бајден го повика Конгресот да одобри брза помош за Украина, а станува збор за ставка што беше исклучена од мерката за итно финансирање.
„Очекувам дека претседателот на Конгресот ќе ја испочитува обврската кон украинскиот народ и ќе се погрижи да биде донесена потребната помош за Украина во овој критичен момент“, рече Бајден.

Стотици илјади американски службеници тензично ги броеја часовите до полноќ, затоа што ниту еден од двата дома – ниту Сенатот во кој мнозинство имаат демократите, ниту пак Претставничкиот дом кој го контролираат републиканците – не постигна договор за законот со кој се продолжува финансирањето на федералниот буџет.
До затворање доаѓа кога Конгресот не може да се договори за законот за финансирање на владата пред почетокот на новата фискална година на 1 октомври.
Доколку во последен момент не поминеше мерката на Мекарти, првата светска економија денеска ќе доживее „затворање“, оставајќи 1,5 милиони службеници без плата, авиосообраќајот ќе беше нарушен, а посетителите на националните паркови ќе наидеа на затворени врати.
„Гласањето вчера е победа на американскиот народ и целосен пораз на десничарските екстремисти“, изјави лидерот на Демократската партија во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис.
Помошта за Украина, камен на сопнување меѓу демократите и многу републиканци, не е вклучена во текстот.
Пратениците сега мора да се изјаснат за предлог–законот за воена и хуманитарна помош од 24 милијарди долари за Украина, која Бајден ја сака во буџетот. Гласањето би можело да се случи на почетокот на следната недела, оценуваат американските медиуми.
„Тоа што Русија го направи е лошо“, им рече Мекарти на новинарите, но и предупреди дека тоа прашање не е приоритет за Американците.
„Мислам дека луѓето низ Америка гледаат дека претседателот ги занемарува границите на Соединетите Држави и премногу се грижи за некое сосема друго место“, рече тој, мислејќи на илегалната миграција.
Неколку републиканци лојални на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој води кампања за враќање во Белата куќа на изборите во 2024 година, отфрлаат каква било нова помош за Киев и сметаат дека овие средства треба да бидат наменети за управување со мигрантската криза на американската граница.
Таа група приврзаници на Трамп, која има диспропорционална моќ поради многу тенкото републиканско мнозинство во Претставничкиот дом, доби наредба од Трамп да ја „парализира“ Америка се додека тој не победи.
За време на мандатот на Трамп, САД го доживеаја својот најдолг период на „затварање“, во зимата 2018/2019 година. Според некои проценки, американскиот БДП тогаш изгуби повеќе од 3 милијарди долари.







