Новата амбасада на САД во Изреал ќе биде отворена на 14 мај, а на отворањето нема да присуствува претседателот Доналд Трамп.
На свеченото отварање ќе присуствува делегација предводена од министерот за финансии, Стивен Мнучин, во која ќе бидат и Џаред Кушнер и неговата сопруга, ќерката на Трамп, Иванка. Кушнер е советник на американскиот претседател.
Администрацијата на претседателот Трамп лани во декември објави дека САД го признава Ерусалим како главен град на Израел, и дека амбасадата на САД ќе биде префрлена од Тел Авив во Ерусалим. Одлуката на Вашингтон не беше поддржана од Советот за безбедност на ОН и од Лигата на арапски земји.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас, минатата недела изјави дека „палестинската власт ќе се бори против одлуката на Трамп и нема да дозволи други земји да ги пренесат своите амбасади во Ерусалим се додека не биде решен израелско-палестинскиот конфликт“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, најави дека минимум шест земји дале „сериозни изјави“ до еврејските власти за преместување на амбасадите и вети парична помош за првите десет земји кои ќе се одлуќат на таков чекор.
Потврда дека ќе отвора своја амбасада во Ерусалим засега има само од Гватемала. Чешка објави дека во текот на мај таму ќе отвори почесен конзулат.







