Лидерите на Европската унија ќе разговараат денеска за последиците од прекинатиот бунт во Русија и, веројатно, ќе ветат дополнителна поддршка за Украина во нејзината одбрана од инвазијата на Москва.
На самитот во Брисел, лидерите ќе разговараат и со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, и ќе дебатираат за тоа каква улога може да има Унијата во зајакнувањето на безбедноста на Украина.
Естонската премиерка, Каја Калас, рече дека лидерите сигурно ќе зборуваат за саботното драматично еднодневно востание на платеничката група „Вагнер“, иако тоа првично не беше на агендата на самитот ниту, пак, беше споменато во нацртите на неговите писмени заклучоци.
„Секако ќе се појави“, им рече таа на новинарите во Брисел пред почетокот на дводневниот самит, редовен собир на кој ќе се расправа и за миграцијата, за односите со Кина и за други прашања.
Како и неколку други лидери на ЕУ, Калас рече дека побуната покажува дека во руското раководство се појавуваат пукнатини.
„Западот не треба да се колеба и треба да продолжи да ја поддржува Украина и да ја зајакне сопствената одбрана“, рече Калас.
Чарлс Мишел, претседател на Европскиот совет на лидерите на ЕУ, најави дека состанокот повторно ќе ја потврди посветеноста на Унијата за „поддршка на Украина колку што е потребно, вклучувајќи одржлива финансиска и воена помош“.
Природата на таа помош ќе биде на маса и во Брисел, додека западните земји работат на пакет долгорочни гаранции за обезбедување оружје, опрема, муниција, обука и друга воена помош за Киев.
Во нацрт-заклучоците од самитот се наведува дека земјите од ЕУ се подготвени да преземат обврски за зајакнување на безбедноста на Украина, со цел „да и помогнат на земјата да се брани долгорочно, да ја одврати агресијата и да се спротивстави на напорите за дестабилизација“.
Дипломатите рекоа дека текстот е предложен од Франција, поборник за поголема воена и безбедносна улога на ЕУ.
Дипломати од некои земји рекоа дека сакаат повеќе детали и дека се загрижени дека идејата би можела да биде во судир со напорите на САД и НАТО.
„Има многу прашања за многу земји членки“, вели дипломат од земја од ЕУ.
Државите вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција и Германија расправаат за такви мерки пред самитот на НАТО што следниот месец ќе се одржи во Вилнус, Литванија, каде долгорочната безбедност на Украина ќе биде главна тема.
Франција инсистира на тоа дека секој придонес на ЕУ ќе биде конзистентен со она што другите го направија и ќе се надоврзе на постоечките иницијативи на Унијата.
Ова го вклучува Европскиот мировен фонд, фонд кој ги надоместува трошоците на членките на ЕУ за воени донации за Киев и за обука на украинските војници.







