Гуо Венгуи, кинески милијардер кој неодамна побара азил во САД откако обвини повеќе кинески политичари за корупција, сака да „го смени“ режимот во Кина и, како што вели, да ја поведе земјата кон демократија.
„Сакам да се обидам да остварам правна држава, демократија и слобода. Тоа ми е крајна цел, промена на режимот“, изјавил Гуо за Франс прес во разговор одржан во неговиот луксузен њујоршки апартман.
Гуо, кој тврди дека има 47 години, точниот датум на неговото раѓање поради Културната револуција не се знае, потврдил дека десет пати се сретнал со Стивен Бенон, поранешен советник на американскиот претседател Доналд Трамп. Инаку, Бенон се залага „економската војна“ против Пекинг да биде приоритет на Вашингтон.
За да ја оствари целта, ако е можно во наредните три години, Гуо сака до крајот на годината да покрене медиумска платформа за да ги прикаже маните на „комунистичкиот режим“. Тој веќе неколку месеци ги полни социјалните мрежи со обвинувања за корупција против кинеската елита.
Милијардерот тврди дека неговиот профил на Твитер, со 480.000 следненици, често е мета на блокади од конгресот на комунистичката партија. Моментно тој го чека доаѓањето на својата „платформа“.
„Никој не може да ме запре, имам премногу пари за такво нешто“, вели Гуо, признавајќи дека за својот проект се договорил со Бенон, чил портал Брајтбарт њуз стана синоним за американската „алтернативна десница“.
За Бенон вели дека е „еден од најдобрите специјалисти за меѓународна политика кого го познава и еден од ретките западњаци кои вистински ја разбираат Азија“.
Гуо, исто така, ги потврди наводите на Волстрит журнал според кои во мај во неговиот стан го посетиле претставници на кинеската влада. Тој тврди дека дошле само со една цел – да го замолчат.
„Имам снимено преку 100 часови разговор. За нив сум преголема закана“, наведува Гуо.
Двајца негови браќа и бројни некогашни вработени во неговите фирми се уапсени откако во летото во 2014 година ја напуштил Кина, но потенцира дека се чуствува безбедно во САД и уверен е дека наскоро ќе добие политички азил.
„Повеќе луѓе ме уверија дека тука сум потполно безбеден и дека моето барање ќе биде прифатено. Еден дури му рекол: ’Ќе те завиткаат во американско знаме’“, изјавил Гуо Венгуи.







