Прекинот на струја денеска во широкото подрачје на Сан Франциско погоди 90.000 потрошувачи, луѓе се заглавени во лифтови, а возила на крстосниците каде што семафорите не работат, продавниците и рестораните се заклучени.
Електростопанската и гасна фирма „Пацифик“ испрати екипи да го утврдат проблемот и сеуште нема проценка кога струјата повторно ќе дојде во сите делови на тој град со вкупно 850.000 жители.
Само пожарникарите одговориле на повеќе од 100 повици за помош, вклучувајќи 20 заглавувања во лифтови. Нема информации за повреди поврзани со прекинот на струјата.
Медиумите известуваат дека чад се крева од една трафостаница, но не се знае дали тоа е причината за падот на мрежата.
Граѓаните ги користат светлата од своите мобилни телефони за да излезат од темните станици на градскиот воз кој во поголемиот дел од градот оди подземно.
Тротоарите се преполни затоа што само пеш некаде може да се стаса, банкоматите не работат. Луѓето се збунети, велат дека не знаат што се случува и што треба да прават.
Вработените во кафетеријата „Старбакс“ во која исто така нема струја, делат чаши со ладно и топло кафе затоа што, велат, подобро е да го дадат кафето без пари, отколку да пропадне.
Без струја поради дефект на прекинувач
Немањето струја во Сан Франциско е предизвикано од „катастрофален дефект на прекинувач“ кој што се случил поради пожар во трафостаница.
Портпарол на компанијата „ПГ&Е“, која работи на поправка на електричниот систем, Бери Ендерсон, вели дека таа компанија успеала да обезбеди струја за околу 23.000 од вкупно 90.000 корисници кои останаа во темница во центарот на градот, пренесува АП.
Во соопштението на компанијата се наведува дека ќе настојуваат во следните часови да обезбедат струја за уште 25.000 корисници.
До прекин во снабдувањето со електрична енергија во Сан Франциско дојде околу 13 часот по локално време.













