Во Кина е отворена официјална интернет страница на која граѓаните ќе можат да пријават субверзивни активности или лица за кои се сомневаат дека се шпиони.
Министерството за национална безбедност вчера покрена сајт (www.12339.gov.cnna) на кој можат да се пријават сомнителни активности кои се закануваат „да го срушат социјалистичкиот систем“.
На веб страницата ќе се собираат информации за активностите кои би можеле земјата да ја доведат во опасност. Таа е достапна на кинески и на англиски јазик.
Пекинг редовно свртува внимание на заканата од „непријателски странски сили“ и властите се повеќе им апелираат на граѓаните да собираат информации.
Тие што ќе им доставуваат на безбедносните органи информации преку сајтот ќе пополнуваат формулар во кој ќе наведуваат дали станува збор за шпионажа, сепаратизам, оддавање на државна тајна, диверзија…
Он-лајн доушникот ќе остане анонимен, но властите предупредуваат дека секој којшто ќе ја злоупотреби оваа можност или ќе испрати лажни информации ќе сноси последици.







