Пекинг денеска ја осуди одлуката на десетина земји за задолжително тестирање на патниците кои доаѓаат од Кина, предупредувајќи дека како одмазда може да одговори со „контрамерки“.
Државните медиуми во Кина ја намалуваат сериозноста на порастот на случаите со „Ковид-19“ непосредно пред очекуваната средба на кинеските научници со Светската здравствена организација.
СЗО се надева дека на состанокот ќе добие детални информации за еволуцијата на вирусот.
Во самата Кина, но и во странство, со загриженост се гледа на ненадејниот пресврт на властите кои на 7 декември ја сменија до тогаш најстрогата политика на нулта стапка на ковид во мерки на попуштање и се поставува прашањето за точноста на податоците за бројот на заболени и смртност.
Повеќе од десет земји во последниве денови воведоа задолжителни тестови за ковид за патници од Кина, бидејќи сметаат дека земјата не е транспарентна во објавувањето на податоците и стравуваат од појава на нови варијанти.
Кинеското Министерство за надворешни работи ја окарактеризира забраната за влез во некои земји како „едноставно неразумна“ и смета дека за тоа „нема научна основа“.
„Подготвени сме да ја подобриме комуникацијата со светот“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг, за новинарите во Пекинг.
„Но… цврсто се спротивставуваме на обидите за манипулирање со мерките за спречување и контрола на епидемијата за политички цели и ќе преземеме соодветни мерки во различни ситуации според принципот на реципроцитет“, истакна Нинг.
Кинеското отстапување од политиката за „нулта ковид случаи“ која ја воведе претседателот Кси Џинпинг, дојде после протестите кои беа најсилниот прикажан јавен отпор откако е Кси на власт, и се совпаднаа со најбавниот економски раст во речиси половина век.
Додека вирусот незапирливо се шири, погребалните фирми пријавија пораст на побарувачката за нивните услуги, а меѓународните здравствени експерти предвидуваат барем еден милион смртни случаи во Кина оваа година.
Светската здравствена организација ги повика кинеските здравствени власти редовно да споделуваат точни и реални податоци во реална временска рамка.
Исто така, СЗО ги покани кинеските научници да изнесат детални податоци за вирусното секвенционирање на денешниот состанок на техничката советодавна група.
Патем, побара Кина да сподели податоци за хоспитализации, смртни случаи и вакцини.
Здравствените претставници на Европската унија ќе се состанат во среда и координирано ќе одговорат.
Почнувајќи од 8 јануари, Кина ќе престане од патниците што доаѓаат да бара да одат во карантин. Но, и понатаму ќе бара тестирање пред да влезат во земјата.
(Фото: АФП / Профимедиа)







