„Додека СДСМ и сите прогресивни партии работат на интеграција во ЕУ и НАТО, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат припојување со други држави, рече портпаролот на владеачката СДСМ, Стефан Васев, на денешната прес конференција на социјалдемократите.
Додека државата се гради како едно општество на сите граѓани, посочи Васев, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски се уште ги плашат граѓаните со наводни федерализации, кантонизации и распад на државата.
„ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи против граѓаните, против државата, против Македонската православна црква и против концептот едно општество за сите. Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ под водство на Христијан Мицкоски“, заклучи Васев.
Според Васев, високи функционери на партијата, членови на Извршниот комитет, меѓу нив и Иванка Василевска се уште го бранат и оправдуваат насилството од 27 април во Собранието кога беше извршен обид за убиство на пратеници и беше загрозен уставниот поредок.
„Тоа е обнова на режимот, обнова на поделбите, изолацијата која ја нудат Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ. Со таква понуда, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат да се надеваат само на убедлив пораз на 12 април затоа што граѓаните се определени за напредок, развој и интеграција и нема да дозволат Мицкоски, Василевска и ВМРО-ДПМНЕ да ги вратат во темните улички на минатото“, истакна Васев.







