Скандалот со скапата промотивна кампања на Ивица Коневски добива сè поголеми размери. Освен што Коневски тајно договорил и реализирал скапо платена рекламна кампања, во овој случај има и сериозни прекршувања на законот, обвини Златко Марин, претседател на ОО СДСМ-Аеродром.
„Имено, согласно законот, општината е должна да склучи договор за кои било услуги, дури и кога тие се бесплатни. Општината не одговара дали има склучено таков договор, а според сознанијата што ги имаме, такви договори не постојат ниту со агенции ниту со медиуми за емитување на кампањата.
„Одлука за примање донација мора да се донесе на Совет на општина. Таква одлука Советот нема донесено за оваа кампања. Ова значи прекршување на законот и работата на општината“, рече Марин.
Тој рече дека Коневски не одговори кој ги изработил скапите рекламни спотови и зошто тоа го направил бесплатно и побара итно да се објават компаниите кои наводно бесплатно, заради љубов кон општината го промовираат Коневски.
Од општина Аеродром, пак, реагираат дека со денешната прес-конференција, СДСМ уште еднаш ја потврди безидејноста на оваа партија.
„Постојаното излегување пред јавноста без никакви аргументи е дел од нивното секојдневие. Наместо да се вклучат во создавање позитивна реалност, тие се занимаваат со негативна кампања, безуспешно обидувајќи се да ја намалат вредноста на сето она што со години наназад е реализирано во Општина Аеродром“, се вели во реакцијата.
Од таму велат дека Општина Аеродром е една од најуспешните општини во земјава, па и пошироко, а граѓаните имаат право преку отчет да видат што сè е реализирано во местото каде што живеат, работат и ги растат своите деца.







