Северна Кореја донесе решение да ги запре тестирањата на балистичките ракети со долг домет и планира да ги затвори полигоните за тестирање на нуклеарни бомби.
Севернокорејската информативна агенција КСНА утринава соопшти суспензијата на активностите стапила на сила и дека тестирањата се прекинати.
Одлуката на Северна Кореја била донесена на пленарна седница на Централниот комитет на владеачката Работничка партија, на која се разговарало за „нова етапа“ во политиката.
„Новиот стратешки курс со кој сите сили се концентрираат на економска изградба, претставува најнаучна и најреволуционерна линија на партијата и дека одлуката да се направи ваков потег е со цел да се одржи националниот фокус и да се подобри економијата“, Ким Јонг Ун
Претседателот на САД, Доналд Трамп, веднаш ја поздрави одлуката на Пјонгјанг.
„Северна Кореја се сложи да ги запре сите нуклеарни проби и да го затвори големиот полигон за тестирање. Ова се многу добри вести за Северна Кореја и за целиот свет. Голем напредок! Со радост го очекувам Самитот“, напиша Трамп на Твитер.
Објавата за запирање на нуклеарните и ракетни тестови следи неколку дена пред средбата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, во погранично село, за да се обидат да го запрат судирот меѓу двете земји.
За во мај или во јуни, пак, е предвиден состанок на Јонг Ун со американскиот претседател Трамп.
Русија: Ким своето го исполни, на ред е Америка
„Соединетите Американски Држави треба да превземат возвратни мерки откако Северна Кореја ги запре нуклеарните тестирања“, изјави денеска шефот на меѓународниот Комитет на Советот на Руската Федерација, Константин Косачов.
Тој, во пораката што ја објави на својот профил на Фејсбук, оцени дека одлуката на Северна Кореја не е доволна за да се нормализира ситуацијата на Корексиот полуостров, туку дека се потребни „оперативни, по можност демонстративни возвратни мерки“ од САД, пренесува Спутник.
„Прекин на агресивна и рушечка реторика. Признавање на суверени права на Северна Кореја на сопствен развој. Престанок на заканите за смена на власта во таа земја со надворешно мешање. Прекин на воените активности кај границата на Северна Кореја. Покренување на политички дијалог“, наведе рускиот сенатор.
Тој изразува надеж дека меѓукорејскиот самит и самитот Северна Кореја-САД „сигурно ќе се одржат“.
„Нашиот дијалог со севернокорејските соседи ниту во еден момент не е прекинат. Тоа беше одговорна, прецизна и на крајот на краиштата исправна руска дипломатија. Победи политиката на политичко решавање на кризата за која секогаш се залагаше Русија“, заклучува Косачов.
Сеул: Одлуката на Северна Кореја е значаен чекор кон денуклеиризација
Претседателството на Јужна Кореја го поздрави денеска соопштението на Северна Кореја за запирање на нуклеарните проби и тестирањата на ракетите со долг домет како „значаен напредок“ во правец на денуклеиризација на Корејскиот полуостров.
Официјалниот претставник на Претседателството во Сеул, Јун Јунг-чан, соопшти денеска дека најавата на Северна Кореја ќе ги подобри изгледите за успешни преговори меѓу Сеул, пјонгјанг и Вашингтон, пренесува АП.
Кина го поздрави решението на Северна Кореја
И Кина, еден од главните сојузници на Северна Кореја, утринава ја поздрави одлуката на Пјонгјанг.
„Пекинг сака Северна Кореја да продолжи да постигнува резултати во развојот на својата економија и подобрувањето на животниот стандард за своите граѓани“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лу Канг.
Како што наведе Канг, Кина ќе продолжи да ја поддржува Северна Кореја низ дијалог и консултации со „релеватните страни“ да ги реши своите проблеми и да ги подобри односите.







