Северна Кореја одлучи да не се одржи денес закажаниот радиционален протест против американскиот империјализам со кој традиционално се одбележува почетокот на Корејската војна, што е уште еден позитивен знак после самитот на лидерите Ким Џонг Ун и Доналд Трамп.
Минатата година на плоштадот Ким II Сунг во Пјонгјанг, според севернокорејските податоци, присуствуваа 100.000 луѓе. Денеска, меѓутоа, прв пат после повеќе години немаше таков собир, пренесува Асошиејтед прес.
Со собир со подигнати тупаници, со веење на знамиња и извикување на слогани почнува месецот на антиамерикански случувања кои имаа за цел да го зајакнат единството. Случувањата кулминираат на 27 јули, ден којшто Северна Кореја го смета за Ден на победата во татковинската ослободителна војна.
Официјалните власти на Северна Кореја немаа официјален коментар на одлуката оваа година да нема собир.
Оваа држава забележливо е ја омекна антиамериканската реторика во последните неколку месеци за да ја подобри атмосферата пред преговорите во Сингапур одржани на 12 јуни.
Медиумите во земјата се исполнети со извештаи, фотографии и видео снимки од самитот.
Документарен филм во траење од 42 минути за случувањата на самитот, емитуван два дена после тој настан, повеќе пати се прикажува од тогаш до денес. Таа емисија за многу Севернокорејци била прва прилика да видат како изгледа Трамп.
Засега нема многу зборови за она за што Вашингтон е најмногу заинтересиран – денуклеаризација, но сепак значајно помалку се споменува потребата од нуклеарно оружје во однос на минатата година.
АП наведува дека на Северна Кореја ќе и биде тешко за да се ослободи од антиамериканската пропаганда, затоа што Корејската војна и уништувањето на земјата со дејствување на САД и други држави и понатака е глевен дел од образовната програма во таа земја.
Негативни портрети на Американци претставени како разни чудовишта се вообичаени во основните училишта и градинките, а опомени за да се биде внимателен од евентуална американска агресија, измами и бруталности се основни пораки во учебниците. Антиамерикански слогани сеуште можат да се видат во Пјонгјанг и ширум земјата, иако повеќе не се толку бројни.
И додека се ублажи критиката на актуелната администрација во Вашингтон, Северна Кореја ги засили нападите на „капиталистичките вредности“, што би требало да биде предупредување дека нејзините дипломатски активности не значат дека е подготвена да се откаже од социјалистичките идеали, наведува АП.







