Според податоците на Центарот за управување со кризи до вчера до 18 часот на територијата на државата беа активни неколку пожари во скопскиот, струмичкиот,
кумановскиот охридскиот, битолскиот и штипскиот регион.
Пожарот што вчера попладне избувна во граничниот појас меѓу Грција и Македонија, во месноста Милци, во непосредна близина на граничниот премин „Богородица“ е локализиран и ставен под контрола.
Во гасењето на огнот учествуваа пожарникари од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“.
Сообраќајот на „Богородица“ од вчера по 20 часот е повторно отворен за сообраќај, а претходно возилата се пренасочуваа на преминот „Дојран“.
Во пожарот изгорени се 20 хектари сува трева и борова шума.
Пожарот кај месноста Бејаз Тепе во близина на селото Нов Истевник во делчевско-пехчевскиот регион е ставен под контрола и таму повеќе не постои опасност за опожарување на блиските куќи кај маалото Пасјак.
Припадници на Армијата од утрово активно го гаснат пожарот кој избувна вчера напладне и е еден од поголемите пожари кој е забележан на подрачјето на овој регион.
(Фото: МИА)