Големата порота во Њујорк го обвини поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, поради тоа што ѝ платил пари на поранешната порно ѕвезда Сторми Даниелс, за прикривање на случај. Трамп е првиот поранешен претседател на САД кој се соочи со кривично гонење.
Американските медиуми јавуваат дека обвинението има дваесетина точки.
Се очекува Трамп утре да се појави во њујоршкиот суд. Тој, ова обвинение го нарече политички прогон и лов на вештерки.
Републиканците го бранат Трамп и ги напаѓаат обвинителите, додека демократите се умерени во реакциите и истакнуваат дека никој не е над законот.
Целата истрага против поранешниот американски претседател се фокусираше на исплата од 130.000 долари од Мајкл Коен, поранешниот адвокат на Трамп, на ѕвездата од филмовите за возрасни Сторми Даниелс во последните денови од претседателската кампања во 2016 година.
Трамп, наводно, имал афера со актерката додека веќе бил во брак со Меланија и се обидел да ја прикрие тоа.
Обвинителите рекоа дека работат на координирање за предавањето на Трамп, што би можело да се случи веќе следната недела. Тие не кажаа дали имаат намера да бараат затворска казна во случај судиите да речат дека обвинетиот е виновен, пишува АП.
Си-Ен-Ен во извештајот наведува дека ваквата одлука ќе предизвика шок низ целата земја и ќе го турне американскиот политички систем во „неистражени води“. Исто така, ова е веројатно последниот клин во во настојувањата на Трамп повторно да влезе во трката за претседател на САД.
Конкретните обвиненија се уште не се познати бидејќи обвинението е запечатено.
Си-Ен-Ен вчера објави дека Трамп се соочува со повеќе од 30 точки поврзани со деловна измама.
Трамп истакнува дека е „целосно невин“ и наговести дека нема да се откаже од претседателската трка во 2024 година.
Го обвини обвинителот Алвин Брег, демократ, дека се обидува да ги поткопа неговите шанси за повторна победа против демократскиот претседател Џо Бајден.
„Ова е политички прогон и мешање во изборите на највисоко ниво во историјата“, рече тој во изјавата.
Настаните на кои се темели обвинението против Трамп во Њујорк, тајни плаќања на порно ѕвезда која тврди дека имала секс со него, се случија пред речиси седум години.
Секое, какво било потенцијално судење би траело повеќе од една година, велат правни експерти, зголемувајќи ја можноста дека поранешниот американски претседател може да се соочи со поротата во судницата на Менхетен за време или дури после претседателската кампања во 2024 година, додека се обидува да се врати во Белата куќа.
Обвинението против Трамп е изгласано после неколку месеци сослушувања и разгледувања докази за исплата на 130.000 долари на порно ѕвездата. Парите биле наменети да го купат нејзиниот молк за сексуалните односи за кои вели дека ги имале години пред тоа.
Правните аналитичари велат дека Трамп најверојатно ќе биде кривично гонет за фалсификување деловна документација под обвинение за прикривање на вистинската природа на плаќањата.
Трамп го негираше тврдењето на Даниелс, а неговиот адвокат ја обвини Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, за изнуда.
Трамп, првиот поранешен претседател на САД кој се соочува со кривичен прогон, е во водство пред потенцијалните противници за републиканската номинација, покажуваат анкетите, вклучувајќи го и гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, кој се очекува да се кандидира за Белата куќа.
Во првите три квартали од 2022 година, на просечен криминален случај во Менхетен му требале повеќе од 900 дена за да помине од обвинение до судска пресуда, според податоците на државниот Оддел за казненоправни служби, а случајот на Трамп е далеку од обичен.
Тоа би можело да го потисне кое било судење после денот на изборите во ноември 2024 година и, судејќи според истакнати американски правни експерти, ќе влезе во непознати правни води.
Доколку биде избран, Трамп нема да има овластување сам себе си да си даде помилување.
„Ова е толку без преседан што ми е тешко да кажам“, рече Карен Фридман Агнифило, поранешна главна помошничка на окружниот обвинител на Менхетен, одговарајќи на прашањето на почетокот на овој месец, дали судијата ќе го одведе Трамп на судење непосредно пред изборите.
Случајот во Њујорк е еден од неколкуте во чие средиште е Трамп, вклучувајќи ја и истрагата за мешање во изборите во Џорџија и две федерални истраги за неговата улога во нападот на американскиот Капитолот, на 6 јануари 2021 година, во кој учествуваа неговите поддржувачи кои се обидоа да ги поништат изборите резултати во ноември 2020 година, на кои што беше поразен.
Друга истрага се однесува на неговото задржување на доверливи документи откако тој ја напушти Белата куќа.
(Фото: „Гети Имиџис“ / Брендон Бел)







