Чеченскиот водач Рамзан Кадиров, сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, чии сили често се бореа заедно со единиците на „Вагнер“ во Украина, го пофали наследството на Евгениј Пригожин после авионската несреќа во која тој загина.
„Долго бевме пријатели.
Честопати моравме да ги решаваме најкомплицираните прашања“, рече Кадиров и го опиша Пригожин како личност која се разликува од другите по брзината на реакциите, уникатните комуникациски вештини и по упорноста.
„Секогаш беше подготвен да помогне и навистина помагаше од срце“, додаде.
Кадиров вели дека Пригожин е „важна личност на националната сцена“, но тој во последно време не ја видел или не сакал да ја види целосната слика за тоа што се случува во земјата.
„Го замолив да ги остави личните амбиции зад себе во корист на прашања од најголемо национално значење.
Сè друго можеше да се реши подоцна. Но, тој токму таков беше, со своето цврсто однесување и желба да го добие она што го сака овде и сега, истакна Кадиров и посочи дека нема сомнеж оти Пригожин дал голем придонес во војната во Украина и дека заслугата не може да му се одземе.
„Неговата смрт е голема загуба за целата земја“, вели Кадиров.
Инаку, британското Министерство за одбрана соопшти дека се уште нема цврст и конечен доказ дека шефот на платеничката група „Вагнер“, Пригожин, бил во авионот што се урна на почетокот на минатата недела без преживеани, но дека е „многу веројатно“ дека тој е мртов.
Руските власти рекоа дека Пригожин бил наведен како патник во авионот што падна северозападно од Москва во минатата среда вечерта, два месеци откако го поведе неуспешниот бунт против воениот врв.
Руските истражители започнаа истрага за тоа што се случило, но официјално не го потврдија идентитетот на 10-те тела извлечени од авионот.
„Сè уште нема дефинитивен доказ дека Пригожин, кој е познат по спроведувањето на исклучителни безбедносни мерки, бил во авионот. Меѓутоа, голема е веројатноста дека навистина е мртов“, соопшти британското Министерство во ажурирањето на одбранбеното разузнавање објавено на платформата „X“, порано позната како „Твитер“.
„Смртта на Пригожин речиси сигурно ќе има длабоко дестабилизирачки ефект врз групата ‘Вагнер’. Неговата хиперактивност, исклучителна смелост, желбата за резултати и екстремната бруталност ја проникнаа паравојската и тешко дека ќе има сличен наследник. Групата е дополнително обесхрабрена од извештаите дека основачот и теренски командант, Дмитриј Уткин, и шефот на логистиката, Валериј Чекалов, исто така загинаа“.







