Ирена Попова од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, од вчера ја напушти групата и ќе дејствува како независна. Одлуката за заминувањето беше наградена со аплауз од градоначалничката Данела Арсовска.
„Ќе дејствувам независно, а вие слободно можете да продолжите со заканите кои ги испраќате до мене изминативе денови. Не се плашам, ќе продолжам да работам за она што го ветив на граѓаните во кампањата, а тоа е модерно Скопје. Не сакам повеќе да бидам дел од групата која ја блокира работата на Градот“, изјави Попова.
Ова е втор советник кој ја напушта коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје. Претходно тоа го стори Александар Трајковски, член на ГРОМ, по што беше назначен од Арсовска за заменик-градоначалник.
Моментно ВМРО-ДПМНЕ има 16 советници, СДСМ 12, ДУИ има пет, а Левица – четири. По два советника имаат ЛДП и Зелен хуман град, по еден Алијанса за Албанците и Алтернатива и двајца се независни.







