Силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала е регистриран утрово во близина на грчкиот остров Крит, соопшти Американскиот геолошки институт (УСГС).
Земјотресот бил во 06:19 часот по локално време, а бил почувствуван дури и во Атина и Каиро. Медиумите објавија дека нема информации за причинета поголема материјална штета.
Епицентарот на земјотресот бил во морето, на 87 километри од Ираклион, на длабочина од 68 километри.
Минатата недела земјотрес со слична јачина беше забележан во јужниот дел на Егејското Море, кој беше почувствуван и на Крит.







