Словенците вчера на референдум го одобрија законот за спречување политички назначувања на јавната телевизија, после влошувањето на медиумската клима во времето кога премиер беше Јанез Јанша.
Повеќе од 62 отсто од гласачите го поддржаа законот, покажуваат резултатите што ги објави изборната комисија во вечерните часови, со што се направија услови тој да стапи на сила, веројатно на почетокот на 2023 година.
Неколку организации за заштита на медиумите, како што е Медиумската организација на Југоисточна Европа (СЕЕМО), го поздравија амандманот чија задача е да ја „одбрани уредувачката независност“ на РТВ Словенија од „политичка злоупотреба и од непобитно уништување“.
Конзервативниот премиер Јанез Јанша, кој беше на власт од 2020 до 2022 година, често ги напаѓаше медиумите, обвинувајќи ги за пристрасност, и отпушти повеќе водечки луѓе на РТВ и именуваше блиски соработници.
После тоа, мрежата ја потресоа низа штрајкови и протести против програмските промени и притисокот на кој беа изложени новинарите, па Словенија падна од 36. на 54. место на овогодинешната листа на медиумски слободи на организацијата Репортери без граници.
Според новиот закон, владата и парламентот повеќе нема да можат да назначуваат тела за управување (РТВ Словенија), а мрежата ќе биде под надзор на граѓански групи (вработени, активисти за човекови права, Академијата на науки).
„Направена е ненадоместлива штета, но уредувачката автономија ќе биде зачувана со овој амандман“, искоментира Хелена Милинковиќ, портпарол на главниот телевизиски синдикат, за агенцијата АФП.
„Повеќе од 40 вработени ја напуштија редакцијата, која има околу 2.100 луѓе“, додаде таа.
Во меѓувреме пристигнаа десетина новинари кои претходно работеа во весници наклонети кон Јанша.
„Новиот систем на управување значително ќе ја ограничи способноста на секоја влада да се меша во работата на јавните медиуми“, посочуваат во соопштението „Репортери без граници“ и оценуваат дека сегашната законска рамка е застарена.