Италијанскиот генерал-мајор Џовани Пјетро Барбано денеска го презеде управувањето со Европската мисија за владеењето на правото на Косово (ЕУЛЕКС).
Пјетро Барбано, кој е и директор на Центарот за обука на полициските единици за стабилност во Виченца, на местото шеф на мисијата ќе го замени досегашниот прв човек Ларс Гунар Вигемарк.
Неговиот мандат како шеф на ЕУЛЕКС на Косово ќе трае од 26 јуни 2023 година до 14 јуни 2025 година.
Одлуката за назначување на Барбан ја донесоа земјите-членки на ЕУ во Комитетот за политика и безбедност.
Советот неодамна го продолжи мандатот на мисијата до 14 јуни 2025 година и, во склад со најновото стратешко испитување на ЕУЛЕКС во Косово, одлучи дека мисијата ќе им помогне на органите за спроведување на законите во развојот на нивните капацитети за размена на информации со регионалните и меѓународните партнери во областите на правна помош и соработка во кривични работи.
Кој е новиот шеф на ЕУЛЕКС
Новиот началник на мисијата Еулекс е генерал-мајор на италијанските карабинери, кој во својата богата кариера веќе има искуство со балканските земји.
Дека Италија ќе го превземе раководењето со мисијата на ЕУ прв обелодени министерот за надворешни работи на таа земја, Антонио Тајани.
„Добри вести за Италија, затоа што генералот Барбано е именуван за шеф на Еулекс во Косово.
Овој избор ги покажува резултатите кои се постигнуваат таму каде што постои тимска работа“, рече Тајани, пренесе италијанскиот портал „Сусидарио“.
Барбано, генерал со завидно образование, од септември 1995 година до март 1996 година, беше распореден во Мостар.
Во овој босански град италијанскиот генерал беше заменик на шефот за операции на Полициската мисија на Европската унија, се наведува во биографијата на сајтот на Центарот за вештини на полициската единица за стабилност, чиј директор е.
Босна и Херцеговина повторно беше предмет на делување на Барбано во периодот од 2007 до 2008 година, кога е поставен на местото командант на полкот на Интегрираната полициска единица во рамки на Силите на Европската унија (ЕУФОР Алтеа).
Тоа беше прва мисија на ЕУРОГЕНДФОР, односно на Европските жандармериски сили некогаш распоредени.
Овие сили беа распоредени во БиХ за да ја следат воената имплементација на Дејтонскиот договор.
Барбано, исто така, беше и прв началник на постојаниот штаб на ЕУРОГЕНДФОР, од 2005 до 2007 година. Освен тоа беше на различни командни и штабски функции, во Италија и во странство.
Од 1984 година до денес беше на местото на командир на неколку водови и чети на карабинерите низ повеќе италијански градови. Беше на чело на Отсекот за планови и воена полиција во рамки на Оперативната канцеларија во Генералштабот на карабинерите, каде беше одговорен за планирање и координирање при распоредувањето на карабинерите во мировните операции кои се водат под покровителство на ООН, НАТО, ОБСЕ, ЕУ и други меѓународни организации. Во овој период, беше член на Комитетот на ЕУ за цивилни аспекти на управување со кризи и на Одборот на пратеници на НАТО.
Искуство има и во образованието – беше шеф на офицерското школо за карабинери во Рим, од 2011 до 2012 година, а потоа и директорот на Институтот за професионални и воено-правни студии од истото училиште, од 2013 година.
Има две дипломи по политички науки и меѓународни и дипломатски науки од универзитетите во Сиена и Трст.Магистрирал и студии за внатрешна и надворешна безбедност на Универзитетот „Тор Вергата“ во Рим.Освен тоа, магистрирал меѓународни воено-стратешки студии на Универзитетот во Милано и Стратешки науки на Универзитетот во Торино.Во 2016 година магистрирал од областа на глобалната стратегија и безбедност на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим.
Во официјалната биографија стои дека е носител на разни меѓународни и италијански одликувања.
Во 2019 година, Барбано е одликуван од претседателот на САД, со „Легија за заслуги“, степен на офицер, додека минатата година од италијанскиот претседател беше одликуван со „Витешки крст“ (Ordine Militare d’Italia), што е највисоко признание во Италија.
Течно зборува англиски и шпански, а оженет е со Роза Ана и ја има ќерката Федерика.
Италија веќе го предводи КФОР, мисијата на НАТО во Косово. На негово чело е генералот Анџело Ристуча. КФОР е во Косово по усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и потпишувањето на Кумановскиот договор во 1999 година, додека ЕУЛЕКС е цоспоставен во 2008 година, како најголема цивилна мисија во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската унија.







