Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, денеска е повикан на информативен разговор во Секторот за внатрешни работи Куманово по, како што изјави самиот на прес-конференција, анонимна пријава во врска со предмет за исплати на надоместоци на вработени во општината.
Димитриевски вели дека вработените постапуваат во согласност со законите, а платите на овие лица со децении се исплаќаат согласно истата методологија на пресметка. Целта на анонимната пријава, но и на сите други кои биле поднесувани претходно, тој ја оцени како вршење притисок и обид за дефокусирање од неговите активности.
„Како се наближуваат изборите така и притисокот е сè поголем. Овде се со мене само дел од пријавите што секојдневно ние како општина и институција ги добиваме по однос на прибирање на материјали и докази за лажно поднесени кривични пријави од непознати лица“, рече Димитриевски на денешната прес-конференција.
Кумановскиот градоначалник вели дека ова е класичен пример на злоупотреба од страна на поединци за партиско-политички цели.
Димитриевски, меѓу другото, вети дека ќе соработува со секоја истрага што ќе се води против него, но го повика обвинителството да отвори предмет и да ги открие лицата што ги пишуваат ваквите анонимни пријави.
(Фото: МИА)