Пени Ланкастер, 46-годишната сопруга на рокерот Род Стјуарт, откри дека била сексуално злоставувана на почетокот на нејзината манекенска кариера.
Како што рече во емисијата на бртитанската ИТВ, модниот дизајнер и ставил дрога во пијалокот кога таа дошла во неговиот стан, а кога се освестила, видела дека тој лежел на неа.
„Не се сеќавам премногу бидејќи јас бев дрогирана, но јасно беше дека уживал. Јас сигурно не уживав. Подоцна ми беше страв да кажам кому било“, вели таа, додавајќи дека во тоа време била девица.
Кај дизајнерот отишла откако тој и ветил дека ќе ја одведе на еден моден настан на кој ќе биле присутни лица од џет сетот.
„Се радував затоа што мислев дека некој ќе ме забележи и можеби ќе ми даде работа. Тргнав со него, а тој рече дека нешто многу важно заборавил во станот и мора да се врати по него“, рече Ланкастер.
На родителите не им кажала оти се плашела дека ќе ја нападнат затоа што воопшто тргнала со него во станот.
„Тоа беше човек со кој работев и наивно му верував. Пред тоа никогаш немав секс, тоа што се случило беше застрашувачко. Се обидов да се преправам дека тоа никогаш не се случи“, додаде.
Скандалот со продуцентот Харвеј Веинстејн е причината зошто таа токму сега ја раскажува својата приказна.
Пени смета дека манекенките се најизложени на злоставување затоа што на почетокот на кариерата се очајни да најдат работа после бројните отфрлања кои ги добиле.