Зоран Заев денеска присуствуваше на промотивен настан во организација на ЕВН на којшто беше претставена нова понуда на фотоволтаични системи за домаќинствата и бизнисите. Во рамки на овој настан премиерот Заев даде изјава за медиумите во којашто истакна:
Владата на Република Македонија преку новиот Закон за енергетика ја отвори можноста секое домаќинство на кровот од својата семејна куќа, како и секоја компанија, да има можност да инсталира фотоволтаична централа и за сопствени потреби да произведува електрична енергија, а понатаму вишоците струја да ги продава на слободниот пазар.
Особено ми е драго што новиот Закон за енергетика веќе ги дава првите позитивни резултати. Преку овој проект на ЕВН Македонија овие системи на фотоволтаични централи стануваат достапни за граѓаните и компаниите.
Сончевата енергија е еколошки чиста и неисцрпна.
Нашата Македонија е земја на сонцето – тој огромен природен непресушен извор на енергија и потенцијал со заедничка работа и влог мора да го направиме да биде еден од генераторите на економскиот раст во Република Македонија.
Македонско сонце за македонска енергија!
Целта е да го намалиме увозот на електрична енергија и да го зголемиме домашното производство. Да го подобриме квалитетот на живот и да овозможиме услови да се намалуваат трошоците за граѓаните, но и за компаниите, со цел да обезбедиме поголема конкурентност и развој на стопанството. Повеќе пари да остануваат кај граѓаните.
Употребата на ваквите високотехнолошки системи кои ја користат соларната енергија за производство на електрична енергија ќе придонесе за зголемување на домашното производство на електрична енергија, и за почиста и поздрава животна околина, пониски трошоци и подобар квалитет на живот за граѓаните.
Продолжуваме да работиме на мерки и решенија кои ќе бидат основа за развој на енергетскиот сектор како важен сегмент за раст на економијата. Европската енергетска заедница ја прогласи Македонија за најреформатор во енергетиката поради новиот закон и поради сѐ што е направено во оваа област последната година.
Владата на Република Македонија преку новиот Закон за енергетика ги отвори можностите, а денешниов настан е пример како овие заложби добиваат конкретна реализација. Неодамна се отвори и првата домашна компанија којашто произведува фотоволтаични панели – прв македонски производ од овој тип.
Ме радува фактот што ЕВН Македонија и компаниите ги препознаваат можностите и веќе креираат понуди со кои ги прават достапни напредните технологии за граѓаните и компаниите.
Ја користам можноста да се заблагодарам на оваа донација и потстрек на општествена одговорност што ја покажува ЕВН Македонија.







