Костарика, земја во која површинските ископувања се забранети, стана водечка во светот во вадењето на тешки метали како литиум, но не од Земјата, туку од стари батерии.
Фабриката за рециклирање „Фортеч“, основана е пред речиси три децении во градот Картаго, 27 километри од главниот град Сан Хозе, а вработените ја нарекуваат „урбан рудник“.
Во последните шест години, нивниот главен фокус беше екстракција на литиум од батерии што се полнат кои секојдневно се користат во бројни електронски уреди како што се мобилни телефони, лаптопи, електрични автомобили и соларни панели.
Годишно во светот се фрлаат милиони батерии. Иако куќиштето на батеријата се распаѓа во период од 100 години, многу од отровните метали кои се наоѓаат во неа никогаш не се разградуваат.
„Фортеч“ најде „златен рудник“ во екстракцијата на тешките метали од батериите, а во исто време на нашата планета и пружи „појас за спасување“.
„Сега знаеме дека тоа не е отпад. Знаеме дека тоа е ресурс што може повторно да се користи“, изјави за АФП, Гилермо Переја, извршен директор на „Фортеч“.
„Важно е да се скршат парадигмите“, додаде 54-годишниот Переја, кој со синот Франциско (25) смислиле нов метод за вадење метали од потрошените батерии.
„На светот му треба кружна економија која ќе рециклира скапоцени примарни материјали наместо да зема сосема нови“, рече тој.
Ископувањето на литиум често се изведува под услови кои се штетни за животната средина, работниците и локалното население.
Но, во „Фортеч“, целиот литиум доаѓа од 1.500 тони потрошени батерии кои секоја година се фрлаат во Костарика, објасни менаџерот на проектот Франциско Переја.
Искористените батерии се собираат во трговски центри, продавниците за електроника или продажни салони за електрични автомобили.
Литиумот е наречен „бело злато“ или „нафта на 21 век“, а во последните години неговата цена експлодира на светскиот пазар.
Во ноември 2020 година вредноста на литиумот беше 5.700 долари за тон, а во септември 2022 година неговата вредност се искачи на дури 60.500 долари по тон, поради зголеменото производство на електрични автомобили.
Сепак, погоните за производство на литиум трошат милиони литри вода и можат да бидат штетни за животната средина.
Но, кога литиумот се извлекува од рециклирани батерии, се исфрла само една четвртина од јаглеродниот диоксид што ја загрева планетата во споредба со директното ископување на литиум, тврди Хенри Прадо, хемичар во „Фортеч“.
Рециклирањето ја спасува планетата од загадување на животната средина предизвикано од „вообичаениот метод на згрижување“ на литиумските батерии, кои најчесто едноставно се фрлаат, додаде Хенри Прадо.
Според податоците на Американското хемиско здружение, само пет проценти од сите литиум-јонски батерии во светот се рециклираат.
Во „Фортеч“, искористените батерии се ставаат на подвижна лента што ги носи до дробилица.
На тој начин, отпадот се претвора во мешавина од кобалт, никел, манган и литиум, позната како „црна маса“.
Овие метали сочинуваат околу 57 проценти од секоја батерија, а остатокот се бакар, алуминиум, пластика и железо, кои исто така можат да се рециклираат.
„Фортеч“ нема технологија за да ги одвои поединечните метали од „црната маса“, па потоа ја продаваат на фабриките во Европа за да го дозавршат процесот и да произведат нови батерии.
Германската агенција за развој тврди дека „Фортеч“ ја претвори Костарика во „латиноамерикански пионер за нова проценка на искористени литиумски батерии“.
(Фото: АФП / Езеквел Бесера)







