„Мора час поскоро секој од нас да направи максимум со своето делување да се стави крајот на криминалот и на корупцијата во државата од секој можен аспект. Да се створи систем што ефикасно и брзо ќе одговори“, порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски упатена од Струмица, каде новинарите побараа одговор од него за критиките упатени од американската амбасадорка, Анџела Агелер, за корупцијата во земјава и фактот што САД испраќа тим за санкции во Македонија.
„Секој од нас треба да има загриженост за тоа што практично ни се случува во државата“, истакна Спасовски и додаде дека ги поддржува апсолутно сето она што беше изнесено од страна на амбасадорот на САД, но и од други релевантни фактори.
„Како Министерство за внатрешни работи апсолутно стоиме на располагање во секој поглед да ги поддржиме сите овие активности. Тоа, практично, е приоритет и на Владата, и тој приоритет мора до крај да биде реализиран и во секоја пора од македонското општество да се навлезе, и секој еден што навистина се занимава со криминал, од било каков тип, да сноси сериозна одговорност“, изјави министерот Спасовски денеска по посетата и средбите во СВР Струмица.