Денеска, во Министерството за внатрешни работи, министерот Оливер Спасовски оствари билатерална средба со генерал мајор во МВР на Обединетите Арапски Емирати, Ахмед Насер Ел-Рајси.
Билатералната средба произлезе од учеството на Ел-Рајси на 50. Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ што се одржа од 08 до 10 мај во Охрид, на која тој присуствуваше во својство на претседател на ИНТЕРПОЛ.
Ел-Рајси упати честитки до министерот Спасовски и до раководството на МВР за беспрекорната организација на Конференцијата и за можноста 140-те делегати на ИНТЕРПОЛ од 53 земји да се сретнат во, како што истакна, прекрасната Македонија, земја која изобилува како со своите природни убавини, така и со гостопримливи луѓе.
Ел-Рајси ја изрази својата благодарност за поддршката што ја добил од Македонија во 2021 година за неговиот избор за претседател на ИНТЕРПОЛ, за четиригодишниот мандат во најголемата меѓународна полициска организација, истакнувајќи ја притоа неговата лична подготвеност да помогне со се што е во негова надлежност. Притоа, тој рече дека ќе достави иницијатива за повеќе видови соработка.
Двајцата соговорници заеднички истакнаа дека билатералните односи и соработка меѓу Македонија и Емиратите ги карактеризира висок степен на пријателство и меѓусебно разбирање, но и присуство на огромен потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес.
Меѓу другото, беше истакнато и дека акцентот на билатералните односи меѓу двете држави е ставен на унапредување на економската соработка, особено, на привлекување арапски инвестиции во нашата земја.
Министерот Спасовски изрази подготвеност и упати покана за средба со генерал-полковник Саиф Бин Зајед АЛ-Нахјан, Вицепремиер и министер за внатрешни работи на ОАЕ и за реализирање возвратна посета на Македонија како поттик и натамошно унапредување на билатералните односи и зајакнување на политичкиот дијалог.
Двете страни изразија подготвеност за финализирање на процедурите за усогласување на текстовите на Меморандумот за заемно признавање на возачките дозволи и Меморандумот за безбедносна соработка и борба против тероризмот, меѓу ОАЕ и Македонија.
Во рамки на денешната средба Спасовски и Ел-Рајси ги посетија канцелариите на Секторот за меѓународна полициска соработка при Бирото за јавна безбедност во кој се интегрирани ИНТЕРПОЛ, ЕВРОПОЛ, СЕКИ, како и странски офицери за врска.
Заеднички беше изразена согласноста дека со огромна посветеност се продолжува кон продлабочување на соработката и визијата на организацијата ИНТЕРПОЛ за секоја земја да се чувствува своја на своето, како и отвореноста на раководствата на двете министерства за внатрешни работи.







