Полицијата не употреби сила за време на синоќешната акција во скопските дискотеки. Ноќните клубови се места за забава, но мора да бидат безбедни, а законот важи еднакво за сите, напиша на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по реакциите од сопствениците дека непотребно биле „спектакуларно“ апсени.
„Се бориме за правда и мир, а тоа значи и неселективна примена на законите и подеднаков пристап кон сите кои ги прекршуваат правилата. Вчера беше спроведена заедничка акција на Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд. Целта беше да се превземат мерки против оние кои на било каков начин ги прекршуваат законите и со своите постапки го загрозуваат јавниот ред и мир.
Меѓу чесните гости имаше и такви кои незаконски беа вооружени, кои поседуваа наркотични средства, кои нападнаа полицајци и кои одбија да постапат по полициска наредба.
Ноќните клубови се места за забава, но мора да бидат безбедни, а законот важи еднакво за сите. Полицијата нема воопшто употребено сила, а акцијата е спроведена според прописите и правилата“, напиша Спасовски на Фејсбук.
Тој ги повика граѓаните да пријават во МВР доколку се соочиле со несоодветно однесување на полицијата, и веднаш ќе реагираат согласно процедурата.
Безбедноста на граѓаните е на прво место, вели Спасовски.







