Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја потпиша одлуката за распишување вонредни парламентарни избори.
Гласањето за нов состав на Собранието на Србија ќе се одржи во недела на 17 декември.
Истиот ден во Србија во 65 градови и општини ќе се одржат и локални избори кои вчера ги распиша претседателот на Собранието, Владимир Орлиќ.
Вучиќ го потпиша указот за распуштање на Собранието, кој стапува на сила со денот на објавувањето во Службен весник.
Српскиот претседател на граѓаните им посака среќни избори.
„Живееме во времиња кои се тешки за целиот свет. Во време на војни и конфликти, и сите треба да бидеме обединети за да ги зачуваме виталните национални и државни интереси. Во време во кое ќе бидеме под бројни притисоци поради односите со Косово и Метохија и други глобални прашања. Србија треба да ги зачува мирот и стабилноста, но и внатрешната кохезија. Оваа кампања е можност на цивилизиран начин да им претставиме на граѓаните различни идеи и програми и политики кои никогаш нема да ги загрозат нашите витални и национални интереси“, рече Вучиќ.
Тој на сите учесници им посака добар резултат во претставувањето на нивните идеи и цели и истакна тоа да го направат на демократски и цивилизиран начин.
Убеден е дека со овие избори ќе се консолидира демократијата во Србија и истовремено ќе се обезбеди сигурен пат кон иднината на децата и на земјата.
Владата на Република Србија пред два дена испрати образложен предлог до претседателот Вучиќ за распуштање на Народното собрание и распишување избори за пратеници.
(Фото: Принт скрин – РТС / Танјуг)








