Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, во Њујорк остварија средби со претседателот на ОМД Мето Колоски и со претставници на Обединетата македонска дијаспора, како и со претседателката на Форумот за демократска Македонија Македонка Трајковска.
Премиерот Заев, како што информираат од неговиот Кабинет, во рамки на средбата се обратил и пред нашите иселеници на прием организиран од ФДМ, со цел поддршка на заложбите на Владата за активирање на дијаспората во развојот на Македонија.
„Секое работно место ни е важно, затоа Владата презема серија економски мерки со кои што ќе ги поддржи финансиски домашните претпријатија, мотивираме странски инвестиции, преку еднаквиот третман на инвестициите во Македонија, а планирани се и законски олеснувања за вложувања на дијаспората во Македонија, што ќе оди како предлог на јавна дебата за да се дефинира најсоодветниот модел за тоа.
„Со вашите контакти можете многу да придонесете за поврзување на заинтересираните инвеститори и сопственици на претпријатија во Македонија. Владата се определи за отворање можности и е подготвена да биде партнер со дијаспората која може да и помогне на Република Македонија, а притоа, секој од нашите во дијапсората, да има и лична мотивација да работи или да соработува во, или со земјата од којашто потекнува“, рече премиерот Заев, се вели во соопштението.
ОМД и ФДМ, како што се вели во соопштението, изразиле интерес и поддршка за активирање на дијаспората во економскиот напредок на Македонија, како и во отворањето на евро-атлантските перспективи на државата.
Претставниците на Форумот за демократска Македонија, изразиле поддршка за ваквите владини политики и оцениле дека новата реформска Влада во Македонија отвора големи можности за граѓаните во Македонија, како и за вклучување на дијаспората.
Конкретно, се вели во соопштението, било разговарано за можноста за олеснување на постапката за вадење лични документи, за можноста за учење онлајн на македонскиот јазик.
Премиерот Заев информирал дека е во тек соработка со Институтот за македонски јазик за бесплатен пристап до „Правописот на македонскиот јазик“, што ќе биде корисен како за домашната јавност, така и за дијаспората.
Станало збор и за проблемите и решенија околу соодветен модел за гласање на дијаспората, можности за поврзување млади луѓе од дијаспората со нивни врсници во Македонија, со цел размена на идеи и можности за развој на креативни бизниси, како и начините за поврзување на домашни компании со компании од странство, со интерес да вложуваат во Македонија.
„Владата се бори и прави сè што е можно секој млад човек да го мотивира да живее, да се образува и да работи во Македонија. Со економските мерки со кои што помагаме на претпријатијата и на граѓаните, убеден сум дека Македонија може да успее, и така, и вас да ве вратиме во својата родена земја или во земјата од каде потекнувате, им порача премиерот Заев на граѓаните од дијаспората на приемот организиран за владината делегација од страна на Форумот за демократска Македонија.
Премиерот Заев нагласил дека е важно сите граѓани на Македонија и од Македонија, кои си ја сакаат државата и сакаат да помогнат, да се обединат околу стратешките цели, бидејќи сега е создаден соодветен моментум за тоа.
„Очекуваме наскоро покана за НАТО, реални се нашите надежи и за отстранување на условеноста на препораката за члество во ЕУ.
„Да помогнеме сите овие перспективи на Република Македонија да се остварат, по што ќе биде добро за сите, се вели во соопштението од неговото обраќањето на приемот.







