Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска во Министерството се сретна со командантот на Силите за брзо распоредување на НАТО во Италија, генерал-потполковник Лоренцо Д’Адарио, кој престојува во дводневна посета на Македонија.
На средбата, Петровска порача дека со приклучувањето на Македонија кон Меморандумот за разбирање чиј потписник се земјите-контрибутори во Силите за брзо распоредување, нашата држава уште еднаш покажа дека безбедноста не ја зема здраво за готово и дека е активен учесник во зацврстувањето на сигурноста на НАТО и сите земји членки.
„НАТО со сега веќе 31 земја-членка е одлучно и посветено на безбедноста на својата територија. Ние сме одбранбена Алијанса која не претставува закана за никого, туку напротив, нашата заедничка цел е со здружени капацитети да ја гарантираме безбедноста на својата територија и на своите граѓани“, рече министерката.
Патем, изрази задоволство што Македонија го потпиша Меморандумот за разбирање и што НАТО е будно и обединето во гарантирањето на безбедноста на една милијарда луѓе во светот.
Генералот Д’Адарио се заблагодари за улогата која Северна Македонија ја има во зацврстувањето на безбедноста на регионот и на Алијансата и додаде дека постоењето на сили за брза реакција е уште еден исчекор кон безбедно и сигурно НАТО.
„Нашата цел како Сили за брзо распоредување на НАТО во Италија е токму развој на способности за извршување на мисии низ целиот спектар на операции, на брз и ефикасен начин. Овие Сили се уште еден капацитет во басенот на НАТО кој ја штити евроатлантската област“, рече генералот Д’Адарио.
Тој за следните чекори на Силите истакна дека знамето на Македонија е веќе рамноправно со знамињата на останатите 19 членки кои партиципираат и изрази очекување до почетокот на летото ќе биде упатен првиот штабен офицер на Армијата на Македонија во Штабот на корпусот, а ќе биде разгледана и можноста за реализација на вежбовни активности на полигонот Криволак.
По средбата со Петровска, Д’Адарио се сретна со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, а во рамки на посетата средба ќе има и со командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини.







