„Министерот за здравство Венко Филипче денеска во Атина оствари средба со неговиот грчки колега Василис Кикилиас на која разменија искуства за пристапот во лекување и превенција од ширење на коронавирусот, како и предизвиците со кои се соочуваат двете земји за време на пандемијата“, информираат од Министерството за здравство.
Повод за средбата на двајцата министри беше најавата за отворање на границите во Европа и регионот за што е потребно да се подготват усогласени протоколи за патување во регионот.
Протоколите треба да го олеснат и забрзаат транзитот на патници.
Министерот Филипче по средбата истакна дека разговорот поминал во
исклучително позитивна атмосфера каде и двајцата се согласиле дека е потребно да се обезбеди брз проток на границите кои се исклучително оптоварени во текот на летото и да се обезбеди лесен пристап до здравствени услуги на граѓаните доколку евентуално се случи да бидат заболени од коронавирусот во текот на престојот во Грција и Северна Македонија.
„Во текот на следната недела двете земји ќе ги подготват предлог протоколите кои потоа ќе бидат усогласени и потпишани. Исто така, овие протоколи ќе бидат разговарани и со другите соседни земји со цел унифициран пристап и услуги во регионот кој значително ќе им го олесни движењето на граѓаните“, информираат од Министерството.







