Во второто тримесечје од годинава стапката на невработеност изнесува 22,6 проценти и во однос на претходниот квартал бележи намалување од 0,3 проценти.
Невработеноста, според објавените податоци на Државниот завод за статистика, во првиот квартал изнесувала 22,9 проценти, а во последниот квартал од 2016 година 24 проценти.
Бројот на активното население во второто тримесечје, покажуваат податоците, изнесува 955.699 лица, од нив 739. 892 се вработени, а 215.807 се невработени. Стапката на активност во овој период е 56,9, а стапката на вработеност 44,1 отсто.
Меѓу невработените, 62 проценти или 133.766 лица се мажи, а 38 проценти или 82.041 се жени. Најмногу се на возраст од 25 до 49 години, 137.859 лица или 63,9 отсто. Според образованието, најмногу невработени се со средно образование -113.403 лица.
Најголем дел од вработените се во преработувачката индустрија, 143.711 лица, во земјоделство, шумарство и рибарство работат 120.304 лица и во трговијата на големо и мало – 106.836 лица.







