Денеска во Владата на Република Македонија беше промовиран на третиот јавен повик за проектот „Странски експерти за домашни компании“, на кој присуствуваа Заменик претседателот на владата Кочо Анѓушев, амбасадорката на Република Швајцарија во Република Македонија, Сибил Сутер Тејада, министрите Зоран Шапуриќ, Зорица Апостолоска, Рамиз Мерко и Аднан Ќахил, претставници на Стопанска Комора на Македонија, Сојузот на Стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северо-западна Македонија, како и претставници на домашните претпријатија кои ги споделија своите искуства од досегашното спроведување на овој проект.
Кочо Анѓушев во поздравното обраќање ја потврди силната заложба и поддршка на новата влада за раст и развој на домашните компании и како што рече, ова е една од мерките што ќе придонесе кон јакнење и зголемување на капацитетите на домашните фирми.
„Суштината на овој проект е да се примени нивото на новите технологии во нашите компании. Овој проект треба да им помогне на домашните фирми да го зголемат својот капацитет и своите знаења за да можат да бидат поконкурентни на светскиот пазар“, рече Анѓушев.
Амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, Сибил Сутер Тејада, напомена дека Швајцарија останува цврсто посветена во помошта што ја дава за економски развој на Македонија и за таа цел учествува со поддршка во 14 економски проекти во земјава.
По обраќањето на амбасадорката, следуваше кратка презентација на досегашните остварени резултати од спроведувањето на овој проект. Досегашните постигнувања говорат дека дури 78% од компаниите се задоволни од користењето на странска експертиза, а 90% повторно би аплицирале за ваква помош.
Беше потенцирано дека рокот за пријавување на овој трет повик е до 29.07.2017 година.
Претставниците на стопанските комори ги поздравија и ги истакнаа позитивните резултати и придобивките што домашните претпријатија ги имаат од ваквиот тип на експертска поддршка.
Како позитивни резултати коишто ги оствариле, претставниците на домашните претпријатија ги истакнаа подобрување на производствениот процес и организацијата на работата, како и преносот на взаемни знаења и искуства.
Министрите Шапуриќ, Апостолска, Мерко и Ќахил уште еднаш ја потврдија одлучноста на новата влада за градење на добра бизнис клима која ќе овозможи еднакви услови, економски раст и развој на домашните и странските компании.
„Ова е една од мерките на владата за градење на подобар капацитет на нашите компании и во оваа прилика им благодарам на домашните компании за споделеното позитивно искуство. Овој настан е еден апел од страна на владата, нашите компании ваквите можности да ги искористат“, истакна во завршницата на своето обраќање Кочо Анѓушев.








