„Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната прес-конференција напладне информираше дека до денеска СЈО ги поднело сите обвиненија за кои имале цврсти докази.
Станува збор за 17 обвиненија за 18 предмети, против 194 физички и 7 правни лица, поради сомнение за злоупотреба на институционални капацитети од поединци и групи, злоупотреба на Закон за јавни набавки, серија законски прекршувања и кривични дела, од изборни измами, незаконско следење на комуникации преку корупција и злоупотреба на службена должност.
„Законот со кој беше формирано СЈО иако беше донесен на 15 септември 2015 година, сепак фактички Обвинителството работи само 10 месеци. Им благодарам за посветеноста и истрајноста на мојот тим, а на граѓаните за довербата.
И покрај тоа што не се обезбеди законско решенија со кое СЈО ќе продолжи со работа, успеавме да ги поднесеме сите обвиненија за кои обезбедивме цврсти докази.
„За предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на една партија, истрагата ќе продолжи.
Истражната постапка беше отворена пред еден месец, беа преземени огромен број дејствија, сепак временските рокови не дозволија преземање истражни дејствија за да заврши истражната постапка.
„Обемноста и сложеноста на предметот упатува на понатамошен тек на истрагата. Но, рокот не менува ништо за да продолжиме со независни истраги за предмети за кои СЈО е надлежно, а сторителите на кривични дела нема да останат неказнети – порача Катица Јанева.
Јанева најави дека во текот на овие два дена предметите во 20 кутии со докази ќе бидат однесени во скопскиот Кривичен суд.
Сите досегашни случаи на СЈО започнуваа на буквата „Т“, меѓу нив: „Титаник“ , „Таргет“, „Тврдина“, ,„Тенк“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Трезор“, „Тортура“, „Тендери“, „Тарифа“, „Труст“, „Табла“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Топлик“, „Тревник“…







