Почетокот на главната расправа за предметот Таргет-Тврдина е одложен за 19 јуни. Причина е што се чека неделава Врховниот суд на Република Грција да донесе одлука на барањето за екстрадиција на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски.
Обвинителот Трајче Пеливанов побара за нив да се раздвои постапката, поради важноста на предметот, но Судот го одби барањето засега, со образложение дека мора да се почека одлуката на грчкиот суд.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет.
Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви.
Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.







