Судењето за предметот “Таргет-Тврдина“, за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето, е одложено за 27 март.
Во судот се појавија поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, кои се дел од обвинетите, како и обвинителката Ленче Ристовска од СЈО.
Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
На денешното рочиште во Кривичниот суд Скопје беше кажано дека со новиот распоред за работа на судиите од овој суд предметот и се доделува на судијата Џенета Бектовиќ. Таа, до 27 март треба да го проучи предметот и доказниот материјал.
За „Таргет – Тврдина“ досега беше одржано само едно рочиште, на 22 декември. Судијката Ленка Давиткова тогаш го одложи судењето бидејќи, не се исполнети законските претпоставки за одржување на главната расправа.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.







