„Братска средба со релаксирачка атмосфера“ – вака ги оценија синоќешните разговори со албанскиот премиер Еди Рама лидерите на партиите од албанскиот блок од Македонија, кои што ја прифатија поканата да заминат во Тирана. И додека тие со речиси идентични изјави тврдеа дека европската иднина на регионот е главната тема за која биле разменети мислења, ВМРО-ДПМНЕ во оваа средба гледа спроведување на туѓи агенди, опасност од појава на штетни договори и спас на владејачката структура. Опозицијата порача дека за клучни национални прашања треба да се разговара во македонското Собрание, откако дел од учесниците на средбата потврдија дека на маса биле ставени и дилемите околу уставните измени.
„Наздравје! Нека биде добра година за Албанците, каде и да се“, напиша албанскиот премиер, Еди Рама, синоќа на Фејсбук, објавувајќи фотографија од средбата со Али Ахмети, Арбен Таравари, Африм Гаши и Мендух Тачи, на која им наздравува на своите гости.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјава за „Клан Македонија“ оцени дека средбата поминала во позитивен и братски дух и порача дека Македонија и Албанија имаат заедничка иднина во Европската унија, но и заеднички предизвици кои ги очекуваат двете земји во овој период.
„Без Албанците нема Македонија“, вели Ахмети.
Тој го потенцираше заминувањето на младите од Македонија и од Албанија во европските земји, а за ова да се спречи, вели, стандардите на двете земји треба да се усогласат со оние на земјите од ЕУ.
Ахмети е дециден дека уставните измени нема да му наштетат на македонскиот идентитет, туку напротив ќе го зајакнат.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, оцени дека средбата повеќе наликувала на релаксирачка вечера за почетокот на годината, а на неа се разговарало за предизвиците кои ги очекуваат Македонија и Албанија на патот кон Унијата.
Тој рече дека нема партија од албанскиот блок во Македонија која е против интеграција на земјата во Европската Унија, односно дека партиите на Албанците ги поддржуваат уставните измени. Слична изјава даде и лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, кој истакна дека средбата поминала со разговор во чиј фокус била заедничката иднина на двете земји во ЕУ.
„Братска средба. Зборувавме за нашата заедничка иднина на патот кон Европската Унија, а не за нешто поконкретно“, рече Тачи.
Средбата во Тирана беше иницирана од Еди Рама. Покана за неа добиле лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, првиот човек на Беса, Билал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, како и лидерот на ДПА, Мендух Тачи. На пат кон албанската престолнина не тргна само Касами, кој претходно порача дека не сака да седне на иста маса со Ахмети, но посочи дека ќе оди на одвоена средба со Рама.
„Артан Груби, но и Али Ахмети секогаш кога остануваат на раскрсница затоа што не знаат како да се справат со создадената ситуација во Владата, бараат помош од Еди Рама, односно го користат албанскиот премиер да им помогне да излезат од кризата“, оцени Беса.
Според нив, и овојпат Артан Груби и Али Ахмети, не знаејќи како да се снајдат во оваа политичка ситуација создадена во Македонија, наводно ја иницирале средбава, уште еднаш користејќи го Рама и неговиот авторитет за да ги извлечат од кал каде што се заглавени две децении.
Тие истакнуваат дека пред шест години присуствувале на состанок со Рама, каде што ветиле дека ќе се спроведат некои точки кои биле од интерес за Албанците во Македонија, но велат дека овој договор останал во Албанија и никогаш не ја видел светлината на денот.
ВМРО-ДПМНЕ со сомнеж гледа во тиранската средба.
„Никакви средби, и спроведување на туѓи агенди нема да го спасат од катастрофален пораз Димитар Ковачевски и СДС на следните предвремени парламентарни избори. Целосниот молк од страна на СДС за средбата во Тирана, е само уште еден доказ дека оваа средба е по барање на Ковачевски за спас на неговата кариера“, велат од партијата.
Според нив, оваа средба е токму на барање на Димитар Ковачевски за да добијат помош за продолжување на мандатот, а за возврат да се реализираат други агенди на штета на Македонија.
„СДС и Ковачевски треба да одговорат дали од средбата во Тирана на маса ќе добијат повторно штетни договори, кои за спас на своите кариери беспоговорно ќе ги прифатат? Државните прашања и националните интереси, како и одлуките за државата се носат во Македонија и македонското Собрание“, децидни се од најголемата опозициска партија.
(Извор: „Дојче Веле“)







