Со протестен марш во Скопје стотина „Тврдокорни“ денес побараа аболиција за, како што ги нарекоа, уставобранителите кои на 27 април со упадот во Собранието сакале да ја бранат државата, а не да тепаат пратеници и да ги убиваат.
Тие побараа и разјаснување на некои за нив многу важни работи.
„Имаме четири прашања кои се важни, аболиција на нашите уставобранители, законот за јазиците, миграцијата и бугаризацијата“, рече Драган Угриновски, претседател на здружението „Тврдокорни“.
Протестот почна од Соборниот храм и продолжи кон владината зграда, а заврши пред Собранието и Споменикот на бранителите.
„Тврдокорните“ најавија дека на 13 септември, кога ќе се носи законот за двојазичност, повторно ќе излезат за да го искажат своето незадоволство.