Претседателот Стево Пендаровски денеска телефонски разговор со специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот Белград – Приштина и други прашања за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. Во разговорот македонскиот претседател констатирал дека со назначувањето на Лајчак, Унијата испраќа позитивен сигнал дека регионот е меѓу приоритетите на Унијата.
Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, изразил поддршка за мисијата на Лајчак и истакнал дека придонесот на Европската Унија бил повеќе од потребен заради изнаоѓање прифатливо решение во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Во разговорот двајцата соговорници размениле мислења и информации поврзани со актуелните политички состојби во регионот, значењето на регионалната соработка, процесот на проширување на Европската Унија, како и за помошта која Унијата и земјите-членки им ја укажуваат на земјите во регионот во борбата со пандемијата на КОВИД-19. Според претстедателот, со назначувањето на специјалниот претставник, Европската Унија, по одлуката за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија испраќа дополнителен позитивен сигнал дека Регионот е меѓу приоритетите на Унијата“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Пендаровски, на крајот на разговорот, му го честитал назначувањето на Лајчак на одговорната позиција и му посакал успех во работата.







