Лондонски Челзи нема да му понуди нов договор на Џон Тери, со што искусниот 36 годишен дефанзивец на крајот на сезоната ќе го напушти клубот после 22 години поминати во него.
Тери одби во јануари да ја смени средината, иако доби богата понуда од Шангај Шенхуе, затоа што сака од дресот на Челзи да се опрости со титула во Премиер лигата.
Англиски „Тајмс“ пишува дека менаџерот Антонио Конте го нема Тери во плановите и дека веќе му соопштил дека ја игра последната сезона на Стамфорд бриџ.
Слична ситуација околу договорот на Тери имаше и минатата година, дури англискиот фудбалер соопшти дека заминува, но работите се свртеа и доби нова едногодишна соработка.
Тери од подмладокот дојде во првиот тим на Челзи во 1998 година, одигра 710 натпревари и постигна 66 голови, а освои четири титули во Премиер лигата, ја предводеше екипата до првото место во Лигата на шампиони, ја освои
Лига Европа и пет ФА купови.
Разделбата со Челзи сега е, се чини, повеќе од сигурна затоа што оваа сезона Тери одигра само седум натпревари во сите натпреварувања, поради тоа што Конте предност им дава на Гери Кејхел, Давид Луиз и Цезар Аспиликуети.