Aмбасадорката на Хрватска во Северна Македонија, Нивес Тигањ, во интервју за МИА вели дека Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина биле и болни и заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо.
Тигањ истакна дека Хрватска го поттикнува и поддржува дијалогот меѓу Македонија и Бугарија за изнаоѓање решение и додава дека е потребно и продолжување на реформскиот процес, со консензус на сите политички сили во државата.
„Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија. И Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно имавме еден политички консензус, сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија“, посочи
хрватската амбасадорка.
Таа подвлече дека европската перспектива на регионот е несомнена и оти ЕУ е посветена на политиката на проширување на Западниот Балкан.
Хрватска, изјави Тигањ, генерално го поддржувала процесот на европски интеграции на Македонија заради што го поттикнува и го поддржува продолжувањето на
дијалогот со нашиот источен сосед, со цел пронаоѓање компромисно решение и дека сега, се што треба да правиме, е да се фокусираме на сегашните активности, на она сега што се случува и да не размислуваме за некои негативни последици, ниту што би
било кога би било.
Факт е, вели, дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан е несомнена и дека деблокада на европскиот пат на Македонија мора да има.
(Фото/Видео: МИА)







